Битола, убавицата на Македонија
13 February 2025Битола не е само град, таа е емоција што не исчезнува, не се заборава. Нејзините улици, нејзините луѓе, нејзините убавини – се сеќавање што останува длабоко во срцето. Тоа е местото каде што на секој чекор се открива нова убавина, ново доживување, нова причина да ја сакаш и почитуваш. И кога ќе заминеш, ќе носиш со себе дел од неа, бидејќи Битола е град кој живее во душата, и кој те чека да се вратиш.
Кога ќе прошеташ низ нејзините улици, ќе почувствуваш дека секој камен, секој збор и секој поглед носат дел од душата на овој град. Широкиот Сокак, со неговите старински фасади и кафулиња, е како жив споменик, кој му раскажува на секој посетител приказни од минати времиња. Ласкавите звуци на разговори, смехот на пријателите, мирисот на кафе и сладолед – сè е споено во една совршена хармонија, која го одразува животот на Битола.
Многу важни настани од македонската и балканската историја се случиле во Битола. Градот е граден, доградуван, рушен и повторно граден и надградуван уште од неговото прво населување во доцното бронзено доба. Потоа во хеленистичкиот период, па Римското Царство, сѐ до византиското време имал статус на град со висок степен на цивилизација.
Традиционално силниот трговски центар, е познат и како град на конзулите поради тоа што во еден период за време на Отоманското Царство, Битола имала дури дваесет конзулати од разни европски земји. Во истиот период, градот имал многу школи, меѓу другите и воена академија, којашто ја посетувал и славниот турски реформатор Кемал Ататурк. На крајот на XIX век бил толку силен град, што неговото население непрестајно растело и го надминало бројот на населението на Белград. Градот бил преполн со фабрики и фотографски дуќани, а занимливо е и тоа што покрај Сингер, во Битола уште во тоа време постоела фабрика за слатки. Во Битола се снимени првите фотографии и филмови на Балканот, благодарејќи на браќата Манаки. Првата филмска камера Јанаки ја купува од Лондон, производство на компанијата „Charles Urban Trading”, и тоа 300-тиот примерок од серијата BIOSCOPE. Така, со таа фамозна „Камера 300" започнала кинематографијата на Балканот. Тоа било златното доба на градот. За жал, за време на Балканските војни, многу битки биле водени во околината на градот и самиот град, па многу материјални докази изгореле или биле потполно уништени. Архитектурата можела да се обнови, посебно последните петнаесетина години, а докази за сѐ што се случувало се и прераскажувањата на старите кои добро се сеќаваат. Меѓутоа, денес останале многу организации и фестивали, коишто по долг период, повторно се одржуваат. Еден од нив се одржува секој година од 29 јули до 2 август во Битола, во знак на спомен на Илинденското востание, под името „Културен фестивал Илинденски денови“.
Има многу да се зборува за историјата на Битола..
На секој агол, Битола има нешто да ти понуди. Нема потреба да брзаш, тука е важно да се задржиш, да се вгнездиш во убавините што ја прават оваа земја толку посебна. Во вечерниот мрак, кога сонцето полека западнува зад Пелистер, градот е бајка, наполнета со светлината од старите лампи на улиците и топлината на луѓето кои го населуваат. Тие, со нивните искрени погледи и насмевки, се душата на Битола. Секој жител е како дел од една голема семејство, кое знае како да ти го отвори своето срце.
А планината Пелистер, со своите високи и мирни врвови, секогаш те гледа од далечина, како неуморен чувар на градот, како стражар што чува тишина и спокој. Кога ќе се качиш на нејзините падини, погледот што се открива пред тебе е исто така и поглед кон душата на Битола. Тишината што ги обвива долините, мирот што го носи воздухот – се сливаат во едно чувство на благословеност, како да ова место не е само град, туку некаков магичен простор каде што се чувствуваш како дел од нешто поголемо.

Љубовта кон ова место не е само во спомените од минатото, туку и во денешниот ден, во топлината на луѓето што те гледаат како пријател, дури и ако прв пат ги среќаваш. Тие, без разлика дали седат на плоштадот или во малиот парк, со своите разговори создаваат една атмосфера која те поврзува, која те прави да се чувствуваш дома.
Дел од информациите за историјата се превземени од Википедија и сликите може да подлегнат на авторски права.